Глобалниот пазар на персонални компјутери забележа раст во првиот квартал

50

Испораките на персонални компјутери ширум светот се вратија на раст во првиот квартал од оваа година, по две години пад, покажуваат прелиминарните резултати на истражувачката компанија International Data Corporation (IDC).

Пазарот на персонални компјутери порасна за 1,5 отсто на годишно ниво со 59,8 милиони испораки во првиот квартал, враќајќи се на нивоата пред пандемијата бидејќи започна циклусот на обновување на компјутерите купени за време на пандемијата, се вели во извештајот.

Достапноста на компјутери способни да поддржуваат вештачка интелигенција се очекува да ја зголеми побарувачката за уредите, помагајќи му на пазарот да се опорави од падот на нарачките по лудилото за купување предизвикано од пандемијата.

Намалувањето на побарувачката за компјутери во последните две години е под влијание на високите каматни стапки и инфлацијата, што ги принуди бизнисите и поединците да ја одложат надградбата на нивните компјутерски системи. Според податоците објавени од IDC, растот во првиот квартал од оваа година е намален во споредба со лошата година, додека ублажувањето на инфлацијата помогна и за закрепнувањето во Америка и Европа.

Сепак, послабата продажба во Кина, најголемиот пазар на компјутери, продолжи да тежи на глобалната продажба на уреди. Во исто време, IDC вели дека популарноста на десктоп компјутерите е намалена во корист на лаптопите, особено во Кина.

Кога станува збор за производителите, кинеската компанија Lenovo е на врвот на листата со 23 отсто удел на пазарот, додека HP и Dell учествуваат со 20, односно 15 отсто. Американската компанија Apple забележа раст на продажбата од 14,6 отсто во првиот квартал со пазарен удел од 8,1 отсто.