
Овогодинешниот самит „Избери Франција“, настан чија цел е привлекување странски инвестиции, ќе резултира со инвестиции во вредност од 15 милијарди евра, што е повеќе од сумата од 13 милијарди евра во 2023 година, објави француското претседателство.
Самитот има за цел да ја зајакне репутацијата на Париз како водечки европски бизнис центар бидејќи Франција, втората по големина економија во еврозоната, се соочува со проблеми поради буџетскиот дефицит и слабиот економски раст во првиот квартал. Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го отвора самитот.
Париз, исто така, падна зад Њујорк и Лондон како глобални финансиски центри. Истражувањето на Z/Yen објавено во март 2024 година го прогласи Њујорк за најголем финансиски центар во светот, со Лондон на второ место.
Француското претседателство објави дека странските инвестиции доаѓаат од 56 различни деловни проекти, вклучувајќи ги технолошките, вештачката интелигенција (АИ) и финансиските сектори.
Мајкрософт соопшти дека ќе инвестира четири милијарди евра во Франција, додека во текот на викендот Франција соопшти дека Амазон ќе објави инвестиција од 1,2 милијарди евра на самитот.
Здравствените компании Pfizer и AstraZeneca исто така најавија инвестиции во вкупна вредност од речиси една милијарда долари, пренесува Reuters.
Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, меѓу другите, ќе се сретне со извршните директори на JPMorgan, Goldman Sachs и Morgan Stanley.











