
Дубаи, познат по највисоката зграда во светот – Бурџ Калифа, наскоро ќе биде дом на највисоката станбена кула во светот.
Овој импозантен облакодер, кој моментално се гради, ќе има 122 ката и 251 ултра луксузен стан. Со височина од 517 метри ќе го надмине моментално највисокиот резиденцијален облакодер Central Park Tower во Њујорк, кој се издига на 474 метри, објави еКапија.
Облакодерот Six Senses Residences Dubai Marina е дизајниран од Woods Bagot и WSP Middle East, а дизајнот на зградата се одликува со елегантна, заоблена стаклена кула која се стеснува кон врвот, вклучувајќи тераси и балкони.
Покрај стандардните апартмани до четири спални соби, нудат и „небесни вили“ на три ката со површина до 1.310 квадратни метри, со до пет спални соби.
Иако цената на становите сè уште не е објавена, се очекува таа да изнесува милиони долари. За споредба, почетната цена на стан од околу 185 метри квадратни во комплексот Six Senses The Palm е 2,4 милиони евра.
Проектот Six Senses Dubai Marina првично беше дизајниран во 2007 година како кула Пентоминиум, но изградбата беше прекината поради светската финансиска криза во 2008 година, потсетува порталот gradjevinarstvo.rs.
Селект Груп неодамна ја купи недовршената зграда за 100 милиони долари, а моментално се завршени околу 25 отсто од работата, а планирано е да се заврши до крајот на 2028 година.











