Xiaomi ја предизвикува Тесла: Кинезите најавија теренец за 19.000 евра

Xiaomi го имаше своето деби во светот на автомобилите оваа година, а за 2025 година најави уште еден модел, за кој вели дека ќе му парира на Model Y на Tesla.

Во компанијата Xiaomi рекоа дека создале SUV кој ќе биде директен ривал на Model Y и дека го развиваат од 2021 година.

Откако автомобилот Xiaomi SU7 се „стркала“ на производните ленти, кинеската марка реши да ја информира јавноста за новиот теренец, кој светлото на денот треба да го види во 2025 година, а најдоцна во почетокот на 2026 година.

Засега се познати малку детали за идниот „SUV“, но упатените во индустријата навестуваат дека тој е дизајниран да го освои „мејнстрим пазарот“. Се верува дека ќе биде уште понапреден од седанот „SU7“, и ќе ги исправи сите дефекти што ги има.

Цената е значаен фактор на високо конкурентниот пазар на електрични возила, а „Xiaomi“ е фокусиран на достапноста. Така, во Кина „SU7“ чини нешто помалку од 28.000 евра, додека идниот „SUV“ би требало да биде уште поевтин – околу 19.200 евра. Дефинитивно може да привлече повеќе купувачи и да го размрда кинескиот пазар за електрични возила.

Фабриката во Пекинг се очекува да достигне бројка од 300.000 произведени автомобили годишно, што јасно покажува дека „Xiaomi“ има намера да стане значаен играч на брзорастечкиот пазар на електрични возила.