
Американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп побара од нафтените компании не помалку од една милијарда долари за финансирање на неговата изборна кампања и најави важна контра-услуга.
„Сите сте доволно богати за да соберете милијарда долари и да ме вратите во Белата куќа“, се шегуваше Трамп за време на вечерата со неколку нафтени гиганти во неговото лично одморалиште Мар-а-Лаго минатиот месец. Претседателскиот кандидат е подготвен да направи сè за да ја врати власта што ја имаше во периодот од 2017 до 2021 година, а секако први на удар ќе бидат прогресивните еколошки мерки.
Тие вклучуваат прекин на субвенциите за електричните автомобили, промена на еколошките мерки и, се разбира, намалување на даноците и олеснување на регулативите за нафтените компании. Ќе се напуштат и одржливите енергетски политики.
Минатата година, речиси 1,2 милиони електрични автомобили беа продадени во САД, повеќе од четири пати повеќе од бројот во 2019 година, но тоа очигледно нема да продолжи ако Трамп победи на претседателските избори. Според анкетата на Галуп, 70% од републиканците (чиј претседателски кандидат ќе биде Трамп) рекле дека нема да купуваат електрично возило во иднина, наспроти 27% од демократите. Проблем за републиканците е фактот што Кина стои зад електричната револуција. Со отстранување на субвенциите за набавка на електрични автомобили, целата индустрија сигурно би пропаднала, пишува Ревија Хак.











