Тежат 43 милијарди долари и продаваат слатки, а никој не ги видел нивните погони

484

Слатките по кои цел свет „полуде“ се дело на познатиот Мишел Фереро. Човекот кој ја создаде империјата на слатките почина пред девет години, а зад себе остави добро познати слатки. Нутела, бонбони тик-так, слатки Фереро Рошер како и познатото Киндер јајце се дело на овој Италијанец.

Мишел беше еден од најбогатите слаткари во светот и водечко име во италијанската кондиторска индустрија. Правењето слатки е семејна традиција долга осум децении. Традицијата е пренесена низ три генерации, и оттука сè започна.

Почетокот на компанијата

Историјата и приказната за познатото семејство Фереро, кое изгради вистинско чудо и слатка империја, датира од 1946 година. Историјата на „Групата Фереро“ е приказна за упорниот семеен дух и успех низ три генерации. Браќата Пјетро и Џовани Фереро работеа заедно во мала семејна слаткарница за да создадат производи што ќе го дефинираат името Фереро. Пјетро беше двигател на иновативноста и креативноста што подоцна ќе му ја пренесе на својот син, Мишел Фереро.

Пјетро бил познат по својата љубов кон експериментирањето, а неговите пријатели со љубов го нарекувале „научникот“. Тој секогаш се обидуваше да најде нови вкусови и текстури за да ги изненади и воодушеви клиентите во италијанскиот град Алба, каде што сè започна.

Од локални почетоци до меѓународна слава

Семејството Фереро беше првиот италијански производител по Втората светска војна што отвори производствени капацитети и канцеларии во странство во овој сектор, претворајќи ја компанијата во вистински меѓународен играч.

Нивната меѓународна експанзија започна сериозно во 1956 година, кога беше отворена голема фабрика во Германија. Кратко време подоцна, втората меѓународна локација на Фереро беше отворена во Франција, и оттогаш нејзиниот раст е сè побрз. Фереро сега има присуство во Европа, Северна и Јужна Америка, Африка, Австралија и Југоисточна Азија. Сè уште семејна компанија, сега во својата трета генерација, Фереро продолжува да расте, најмногу потпомогната од своето наследство, експертиза и светски познатите деликатеси.

Креатори на светски познати слатки

„Групата Фереро“ денес е една од најголемите светски компании за слатка пакувана храна со преку 35 омилени брендови. Она по што се најпознати и во кое цел свет ужива со години се ‘Kinder’, ‘Ferrero Rocher’, ‘Nutella’ и ‘Tic Tac’ кои се продаваат во повеќе од 170 земји.

Сепак, она по што се најпознати и што ги направи најпознати е чоколадниот намаз, Нутела, кој го има речиси во секој дом. Исто така, Нутела често се споменува како еден од највпечатливите симболи на глобализацијата.

Приказната за Нутела

Сè започна по Втората светска војна. Чоколадото во тоа време беше многу скапо и никој не можеше да си го дозволи, барем не во Италија. Семејството Фереро имало своја чоколадна формула, која најмногу вклучувала лешници, бидејќи Алба била полна со лешници. Визијата на семејството беше: „Како да направиме нов рецепт со помалку какао и висока хранлива вредност на лешниците“. Секако дека успеале во тоа, а познатиот рецепт се нарекува многу едноставно – ‘Супер крема’.

Потоа, 20 години подоцна, се појави идејата малку да се подобри овој рецепт, бидејќи се развиваа нови технологии и нови методи. Така Мишел Фереро ги интегрираше сите овие новитети со веќе постоечкиот рецепт и создаде вистинско чудо. Нутела е создадена во 1964 година, истата година кога се роди неговиот син, кој често сака да се пошегува дека има братче во семејството, што е токму Нутела.

Семејната империја, со која Мишел Фереро управуваше со децении, а со која сега управува неговиот син Џовани, порасна толку многу што магазинот Форбс ја процени на 43 милијарди долари. Тоа го стави Џовани Фереро на 26-то место на листата на Форбс за најбогати луѓе во светот.

Семејната компанија Фереро е многу таинствена, а причината е, наводно, претпазливоста од шпионажата од конкурентите. Никогаш нема одржано прес-конференција и не дозволува медиумите да ги посетат нејзините објекти. Производите на Ferrero се направени со машини дизајнирани од внатрешен инженерски оддел.

– Компанијата Фереро во 2014 година ја купи компанијата Олтан Груп, најголемиот производител на лешници во светот. – Го купи и британскиот производител на чоколади Торнтонс во јуни 2015 година за 112 милиони фунти. – Во 2016 година, Ferrero SpA ги купи белгиските брендови на бисквити Delacre и DeliChoc од United Biscuits. – Го купи и производителот на чоколади Fannie May од 1-800-Flowers.com во март 2017 година. Договорот беше склучен на 30 мај 2017 година, а Фереро плати 115 милиони долари за него.