Квадрат и до 10.000 евра -Колку чинат становите во близина на познати италијански споменици?

61

Најголемиот сајт за недвижнини во Италија, „Imobiliare“ ги објави резултатите од истражувањето за тоа колку чинат становите во близина на најголемите и најпознатите италијански споменици.

Истражувањето спроведено од Имобилиаре опфати споменици како Дуомо во Милано, Колосеумот во Рим, Понте Векио во Фиренца, Пјаца Сан Марко во Венеција, Арената во Верона, Mole Antoneliana во Торино и Кривата кула во Пиза.

На последно место, односно најзгодно е да се купи стан во близина на кривата кула во Пиза, бидејќи стан на десет минути пешачење од кулата чини 2.900 евра за метар квадратен, само 11,5 отсто повеќе од просечната цена во другите делови од градот.

Во Торино, во близина на Mole Antonelliana, просечната цена во близина на овој симбол на главниот град на регионот Пиемонт е околу 3.098 евра за метар квадратен. Становите во близина на градот на Ромео и Јулија, Верона чинат околу 4.582 евра за метар квадратен, што е за 78,5 отсто повеќе отколку во другите делови на градот. Доколку сакате да купите стан во близина на плоштадот Сан Марко во Венеција, треба да потрошите во просек 5.289 евра за метар квадратен, што е за 65,5 отсто повеќе од просечната цена на становите во Венеција која е 3.192 евра.

На трето место се становите во близина на Стариот мост (Понте Векио) во Фиренца, кои чинат 5.871 евро, што е за 40,2 отсто повеќе отколку во другите делови на градот.

Колосеумот, кој е еден од најпосетуваните споменици не само во Рим, туку и во цела Италија и кој годишно го посетуваат милиони туристи, додава вредност на становите во неговата околина кои се за 91 отсто повисоки од просечните цени во Рим и чини 6.427 евра за метар квадратен.

Меѓутоа, просторот околу Миланската катедрала, т.е. на познатиот Дуомо е далеку поскап од сите други области во близина на познати италијански споменици. Таму треба да се издвојат 9.747 евра за метар квадратен, што е за 81,7 отсто повеќе отколку во другите делови на градот, каде во просек чинат 5.364 евра.

Агенцијата за недвижности Имобилијаре ги земала предвид становите кои се на максимум десет минути пешачење од познатите споменици и ги споредила цените за квадрат со просечните цени во другите делови на градот.