Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со одржување најниски даноци во Европа и добра бизнис клима, Македонија и натаму ќе биде исклучително атрактивна за инвеститорите.
“Приказната за странските инвестиции во Македонија е една успешна приказна за тоа ако ја подобриш бизнис-климата, што е евидентно, бидејќи со години по ред сме меѓу најдобрите реформатори во светот, меѓу 10 топ-реформатори во светот и преку еден амбициозен план на презентации на инвестициските можности пред инвеститорите во Европа, но и на другите континенти да можат да се привлечат странски инвестиции во земја која е релативно мала и каде инвеститорите можеби немале претходно интерес”, изјави вицепремиерот Ставрески, одговорајќи на новинарски прашања по Конференцијата по повод Денот на осигурувањето.
Тој посочи дека во Македонија доаѓаат глобални компании и брендови кои порано ги немало во земјата и кои не само што отвораат една туку и повеќе фабрики.
“Тие фабрики се отвораат не само во Скопје, туку и во внатрешноста и од тој аспект за нас е значајно да продолжиме со ваквите напори да се зголеми износот на странски инвестиции и да се отворат нови работни места како тоа што се случуваше во Кавадарци и Битола, да се случи и во сите други места во Македонија”, рече Ставрески.
Според податоците на Народната банка на Република Македонија, странските инвестиции во земјава заклучно со август се 157,3 милиони евра.