Солидно сметководство како алатка за намалување на измамите!

207

evra

Фото: Pixabay

Финансиските измами во изминативе 20 години бележат раст како по бројот на извршени измами, така и по износите за кои се оштетени доверителите. За ваквиот нагорен тренд, покрај релативно малите казни допринесува и вешто прикриената измама, па затоа многу лесно измамата може да остане незабележана и неоткриена.

Прикривањето на финансиските измами е тесно поврзано со сметководствената евиденција, која мора да има документ за да ја евидентира трансакцијата. Имено, сторителот сака да ја прикрие измамата, па мора да создаде писмена или електронска документација, да смени документација или да фалсификува документација, со цел целата операција да помине рутински во сметководството.

Измамите може да се откријат во сметководството преку испитување на невообичаените трансакции и нелогични износи. Во пракса сметководствените симптоми на измама се поделени во шест групи и тоа: сметководствени аномалии, слабости на интерната контрола, аналитички аномалии, екстравагантен живот, невообичаено однесување и поплаки и жалби.

Сметководствените аномалии се резултат на невообичаени процеси или процедури во сметководствениот систем, како на пример немање на документи, промена на документи, дуплирани плаќања, фотокопирани документи, евидентирање на лажни трошоци и слично.

Некористењето на одмор од страна на вработениот е само една од слабостите која се припишува на слабата интерната контрола, бидејќи многу измами се детектирани токму кога вработениот е на одмор и во тој период не може да ги прикрие трагите на измамата.

Аналитичките аномалии се односи помеѓу финансиските и нефинансиските податоци, кои се неразумни, како невообичаени промени во количина, содржина или цена на одредени артикли, разлики во однос на спецификацијата, задоцнето фактурирање, необјасниви кусоци во залихите или прилагодувања.

Екстравагантен живот – живот со висок стил во однос на платата, односно нејасно потекло на парите за таквиот стил на живот.

Невообичаено однесување – чести промени на расположение, лутина и нервоза без особена причина.

Симптомите на измама се само појдовна точка за понатамошно испитување, за да може да се констатира дали станува збор за измама или грешка. Не смее да се превиди фактот дека независно од симптомите, документот може навистина да се изгуби, дупло плаќање може да се направи од невнимание, вработениот може да не оди на одмор од сосема други причини, екстравагантниот живот може да е резултат на наследство, цената може да се промени поради пораст на цените.