
Оваа година Норвешка ќе инвестира рекордни 247 милијарди норвешки круни или околу 21,76 милијарди евра во екстракција на нафта и гас.
Според соопштението на Заводот за статистика на Норвешка (SSB), оваа прогноза е за 1,3 отсто повисока од претходната прогноза од првиот квартал на 2024 година.
Норвешките инвестиции во екстракција на нафта и гас ќе бидат високи и во 2025 година, но нешто пониски од годинава поради помалиот број тековни проекти.
Компаниите следната година ќе инвестираат 216 милијарди норвешки круни или околу 19 милијарди евра во нафта и гас, што е за 5,2 отсто повеќе од проценетото во претходниот квартал.
Минатата година беа спроведени истражувања на 34 бунари, а годинава ќе се прошират истражувањата на 40 до 50 бунари, се наведува во соопштението.
Глобалната побарувачка за нафта ќе расте најмалку до 2034 година, покажуваат најновите прогнози на аналитичарите на њујоршката банкарска корпорација Голдман Сакс.
Во прогнозата се посочува дека побарувачката за нафта ќе се зголеми на 108,5 милиони барели дневно во 2030 година и ќе достигне врв во 2034 година, кога ќе изнесува 110 милиони барели дневно, пренесува Ројтерс.
Голдман Сакс додава дека и после тоа побарувачката за нафта ќе биде висока до 2040 година.











