Цените на нафтата бележат пад

Цените на нафтата на американскиот пазар во саботата наутро забележаа пад, па нафтата WTI, репер за американскиот пазар, изнесуваше 76,99 долари, а нафтата од типот брент 81,11 долари за барел, објави Oil Price.

И во петокот тие беа блиску до 82 долари, балансирајќи помеѓу знакот за слаба побарувачка за гориво на почетокот на летната сезона на патувања во Соединетите Американски Држави (САД) и сигналите од водечките производители дека може да ја намалат понудата следната година.

На лондонскиот пазар цената на барелот за испорака во јули е речиси непроменета во однос на претходниот ден и изнесува 81,98 долари. Поактивно се тргуваше со барели за испорака во август, чија цена порасна за 37 центи на 82,25 долари, пренесува Мина.

Трговците во четвртокот беа загрижени од зголемувањето на залихите на бензин во САД минатата недела, за два милиони барели, според податоците на Министерството за енергетика. Побарувачката за бензин беше за два отсто помала од претходната недела, се лизна на 9,15 милиони барели.

Залихите на сурова нафта паднаа за 4,2 милиони барели, како одраз на забрзаното темпо на рафинирање, велат аналитичарите.

Вниманието постепено се префрла на состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници меѓу независните производители. Групата ќе се состане онлајн во недела за повторно да ја разгледа производната политика.