
Volvo го лансираше првиот пасош во светот за електрични автомобили.
Со него ќе го евидентира потеклото на суровините, компонентите, рециклираната содржина и јаглеродниот отпечаток во нивниот нов SUV EX90, кој наскоро ќе започне со производство, изјави шведскиот производител на автомобили за Ројтерс.
Пасошот е развиен од Volvo во партнерство со британскиот старт-ап Circulor, кој користи блокчејн технологија за мапирање на синџирите на снабдување за компаниите.
Пасошите за батерии ќе бидат задолжителни за електричните возила (ЕВ) што се продаваат во Европската унија од февруари 2027 година и ќе го покажуваат составот на батериите, вклучувајќи го потеклото на клучните материјали, нивниот јаглероден отпечаток и рециклирана содржина.
Шефот за глобална одржливост во Volvo, Ванеса Бутани, изјави за Ројтерс дека воведувањето на пасошот е речиси три години пред да стапат на сила регулативите со цел да бидат транспарентни за купувачите на автомобили бидејќи Volvo планира да произведува само целосно електрични автомобили до 2030 година.
Сопствениците на Volvo можат да пристапат до поедноставена верзија на пасошот користејќи го QR-кодот од внатрешната страна на возачката врата. Бутани рече дека пасошот постепено ќе се воведува во сите електрични возила на Volvo.
Посеопфатна верзија на пасошот ќе вклучува ажурирани информации за здравјето на батериите за 15 години и ќе го чини Volvo околу 10 долари по автомобил, изјави извршниот директор на Circulor, Даглас Џонсон-Поенген за Ројтерс.











