
Светските цени на храната во мај се искачија на највисоко ниво во последните шест месеци, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Светскиот индекс на цените на храната за мај се зголеми од 119,3 поени во април на 120,4 поени, се наведува на веб-страницата на ФАО.
Индексот на цените на житото порасна за 6,3 отсто на 118,7 поени на месечно ниво, бидејќи е забележан месечен раст на цената на сите видови жито, особено на пченицата. Остриот месечен пораст на цените на житото во голема мера се должи на загриженоста за неповолните услови за културите за жетвата во 2024 година.
Индексот на цените на млечните производи во мај во просек изнесувал 126 поени, што е за 1,8 отсто повеќе во однос на април. Зголемувањето на цените на млечните производи беше под влијание на зголемената побарувачка во малопродажниот и прехранбениот сектор во пресрет на летните одмори, како и загриженоста на пазарот дека производството на млеко во Западна Европа може да падне на историски минимум, пренесува Танјуг.
Падот на светските цени на шеќерот главно се должи на веста дека успешно започна жетвата на шеќерна репка во Бразил, па релевантниот индекс падна за 7,5 отсто на 117,1 поен на месецот. Показателот што ги следи цените на растителните масла во мај беше на ниво од 127,8 поени, што претставува пад од 2,4 отсто во однос на април, пред се поради пониските цени на палминото масло. Индексот на цените на месото е практично непроменет во однос на април, бидејќи е зголемен за само 0,2 отсто на 116,6 поени.











