Германија за ЕП 2024 воспоставува привремени гранични контроли

Од петокот, германската полиција доби овластување да воспостави гранични контроли со сите соседи поради претстојниот турнир ЕП 2024, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Министерката Ненси Фезер рече дека овој потег е неопходен во интерес на безбедноста за време на првенството. Еврото започнува на 14 јуни, се игра во 10 градови до финалето на 14 јули во Берлин. Полицијата со гранични контроли ќе се обиде да ги спречи потенцијалните насилни криминалци пред да влезат во Германија, додаде Фезер, пренесува ДПА.

„Нашиот фокус е на заканите од исламистички тероризам до хулиганство и сајбер напади“, рече министерката.

За време на турнирот, околу 580 странски полицајци ќе им се придружат на нивните германски колеги во патролирањето на градовите каде нивните земји играат натпревари, како и на железничките станици и возови.

Полицијата ќе воспостави контроли и на границите со Данска, Франција, Белгија, Холандија и Луксембург, кои, како и Германија, се дел од европската Шенген зона на отворени внатрешни граници.

Ова значи дека граѓаните од Шенген зоната можеби ќе треба да поминат и низ проверки, на пример на аеродроми и пристаништа. Тоа значи и дека при патувањето во Германија со себе треба да ги понесат патните исправи, потсетуваат од министерството.

Проверките, сепак, ќе бидат „флексибилни“ и „ќе зависат од ситуацијата Привремените гранични контроли се одобрени до 19 јули“.