САД минатата година добија 600.000 нови милионери

Бројот на милионери во САД се зголемил за 600.000 луѓе минатата година, според новата студија на консултантската компанија Capgemini.

Соединетите држави на тој начин, според CNBC, убедливо го надминаа остатокот од светот со зголемување на бројот на милионери за 7,3 отсто.

Capgemini ги дефинира милионерите како оние кои имаат средства од најмалку 1 милион долари достапни за инвестирање, што не вклучува недвижен имот или вредни колекционерски предмети.

Според овој критериум, дури 7,5 милиони луѓе во моментов можат да се сметаат за милионери во Америка, а нивното богатство се проценува на 26,1 трилиони долари. За илустрација, да додадеме дека САД имаат 333,3 милиони жители.

Бројот на Американци со вредност од 30 милиони долари или повеќе се зголеми за 7,5 отсто минатата година, на 100.000, а нивното богатство на 7,4 трилиони долари. Истовремено, се поставува прашањето до кога ќе продолжи овој тренд.

„Светските конфликти, изборите, каматните стапки и потенцијалното економско забавување, исто така, би можеле да го забават темпото на создавање богатство“, рече Елиас Ганем, глобален шеф на Истражувачкиот институт за финансиски услуги Capgemini.

Истиот извештај покажа дека бројот на милионери ширум светот минатата година се зголемил за 5,1 отсто, на 22,8 милиони.

Нивното комбинирано богатство порасна на рекордни 86,8 трилиони долари.