Логистичкиот гигант FedEx укинува 2.000 работни места во Европа

Американскиот логистички гигант FedEx објави дека ќе укине до 2.000 работни места во Европа за дополнително да ги намали трошоците бидејќи побарувачката за услуги за испорака се нормализира во периодот по пандемијата.

Отпуштањата ќе бидат распоредени на 18 месеци и ќе носат трошоци пред оданочување, вклучително и правни такси и отпремнина, во опсег од 250 до 375 милиони долари, соопшти менаџментот.

Намалениот број работници треба да заштеди на компанијата од 125 до 175 милиони долари годишно, почнувајќи од фискалната 2027 година, додаваат тие.

Компанијата работи во повеќе од 45 европски земји и територии и вработува повеќе од 52 илјади луѓе.

„Покрај оптимизирањето на нашите мрежи, преземаме мерки за поедноставување на многу од нашите функции и намалување на структурните трошоци“, се вели во извештајот.

До крајот на следната година, FedEx планира да ги намали трошоците за 4 милијарди долари, вклучително и 1,8 милијарди долари во фискалната 2024 година, која заврши во мај.

Во март тие ја зголемија прогнозата за профитот во фискалната 2024 година, со образложение дека намалените трошоци ќе им донесат поголема заработка по акција, забележува Ројтерс.

И FedEx и неговиот конкурент United Parcel Service (UPS) и другите компании во секторот имаа многу работа во почетната фаза на пандемијата, бидејќи граѓаните во строгото заклучување ги заменија посетите на продавниците со испорака на стоки дома.

Закрепнувањето на патувањата и враќањето на граѓаните во рестораните го сменија трендот, а отежнувачка околност беше инфлацијата.

И UPS планира да ги намали трошоците оваа година за 1 милијарда долари. Во јануари објави дека ќе укине 12.000 работни места и ќе ги истражи стратешките опции за брокерот за камиони Којот, поради слабата побарувачка и прекумерниот капацитет во секторот.