Од јули во Грција може да се работи шест, наместо седум дена во неделата. Грчката влада им дава можност на работодавците да воведат шестдневна работна недела, ако сакаат. Притоа, работникот нема право да одбие да работи подолго, а за ден плус, ќе треба да добие додаток во висина од 40 отсто од дневницата.
Законот кој во Грција се води под број 5053/2023 требаше да стапи на сила на 1 март годинава, но поради калкулациите во врска со изборите за Европскиот парламент, владата на Киријакос Мицотакис го одложи неговото стапување во сила.
И без овој закон, вработените во Грција се изложени на самоволие на работодавците. Теоретски имаат 40 работни часови неделно, но газдата може да нареди прекувремена работа од најмногу два часа дневно во „ограничен период“, неплатена, само со обврска да се „надополнат“ тие часови со слободно време и со одмор.
„Дојче веле“ пишува дека во грчкиот сектор на туризам и угостителство уште од лани нема ништо од петдневната работна недела. Исто така, колективните договори полека ја губат силата и работодавците потпишуваа индивидуален договор со вработениот и обично во него пишува она што ним им одговара.
Грците масовно почнаа да ги заобиколуваат работните места во туризмот, бидејќи тука условите се најбрутални. Па, во овој сектор се вработуваат сезонци од странство кои работат секој ден во неделата, а некогаш се сместени и по десетмина во една просторија, пренесува Н1.