Кинеската инвестициска корпорација (CIC) купи 10% од акциите на фирмата сопственик на аеродромот Хитроу.
Кинескиот државен фонд ќе плати 450 милиони фунти за делот од 10% на досегашниот оператор на Хитроу, холдингот FGP Topco. Од тие 10%, 5,7% се во сопственост на шпанската компанија Ferrovial, дел од холдингот, која ќе добие 257 милиони фунти, а останатите 4,3% кои чинат 192,6 милиони фунти, припаѓаат на другите акционери во холдингот.
Во август годинава, Qatar Holdings купи 20% од акциите, а оваа зделка сеуште чека одобрување од Европската регулаторна комисија.
Со овој договор, Хитроу со 40% ќе биде контролиран од страна на кинеската, катарската и сингапурската влада, а 34% остануваат на Ferrovial.
Причина за огромниот интерес за британските компании е економската криза, која ги намали цените на акциите. Истовремено, Британците ја користат фунтата како валута, која подобро котира од еврото и тоа е дополнителен плус за оние што сакаат да инвестираат во оваа земја.
CIC е формирана во 2007 година со главна цел да ги раководи и да ги инвестира девизните резерви на Кина.