Инфлацијата во Словенија на најниска стапка во последните три години

Годишната инфлација во Словенија во јуни изнесуваше 1,5 отсто, додека истиот месец лани беше 6,9 отсто.

Ова е најниско поскапување од јуни 2021 година, кога годишната стапка на инфлација изнесуваше 1,4 отсто, објави словенечкиот Државен завод за статистика. Во однос на мај, потрошувачките цени се зголемени за 0,4 отсто, пренесува SEEbiz.

Најголем придонес во годишната инфлација, од 0,5 процентни поени, има зголемувањето на цените од 6,7 отсто во рестораните и хотелите. По ова следеше раст на цените на различните стоки и услуги за 4,9 отсто, со што се додадени 0,4 процентни поени.

Цените на услугите на годишно ниво се зголемени во просек за 4,2 отсто, а на стоките за 0,2 отсто. Полутрајните производи поскапеа за 1,5 отсто, а производите за дневна потрошувачка за 0,3 отсто, а трајните производи поевтинија за 1,4 отсто.

Во споредба на годишно ниво, најмногу паднале цените на струјата, гасот и другите горива, за 7,7 отсто, што ја намалила инфлацијата за 0,6 процентни поени.

Потрошувачките цени во првата половина од годинава пораснале за 2,3 отсто, а во истиот период лани за 4,9 отсто.