Како се промени мапата на нафтата на светот (инфографик)

136

Кога Русија воено интервенираше во Украина во февруари 2022 година, западните земји го прекинаа (или значително го намалија) увозот на руска нафта со цел да му оневозможат на претседателот Владимир Путин извор на пари за финансирање на војната.

Меѓутоа, кога Западот се повлече, се вклучија и други земји како Кина, Турција и Индија, така што протокот на пари во касата на Кремљ остана, повеќе или помалку, постојан.

Фондацијата Хинрих во серија графикони понуди сликовен приказ на оваа промена и ги претстави најновите податоци за ситуацијата денес, речиси две и пол години од почетокот на војната во Украина.

Во анализата се користат податоци од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) од февруари 2024 година за трендот на извозот на руска нафта од 2021 до 2023 година.

По инвазијата на Украина, САД и Велика Британија воведоа целосна забрана за увоз на руска сурова нафта. Увозот се намали од 600.000 барели дневно во 2021 година на нула до крајот на 2022 година.

Слично на тоа, Европската унија, која низ историјата беше уште позависна од руската нафта, го намали увозот на нафта од Русија за 80 отсто – од 3,3 милиони барели дневно во 2021 година на 600.000 барели дневно во 2023 година.

Земјите на ОЕЦД од азиско-пацифичкиот регион исто така драстично го намалија увозот на руска нафта.

Кои земји го зголемија увозот во тој период?

Повлекувањето на западните земји отвори можност за некои други земји и региони кои не ги воведоа санкциите наметнати на Русија.

Така, во 2023 година, Индија го зголеми увозот на руска нафта на дури 1,9 милиони барели дневно, од само 100.000 колку што увезуваше во 2021 година.

Кина, најголемиот увозник, исто така ги зголеми своите нарачки за 40 отсто во истата временска рамка. Турција додаде уште 500.000 барели дневно на својот увоз.

Увозот се зголеми и во региони како Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка.

Промена во трговската зависност

Динамиката присутна на глобалниот пазар на сурова нафта нагласува некои пошироки трендови во трговските односи на Русија, која економски се потпира сè помалку на Запад, а повеќе на Кина.

Од 2022 до 2023 година, најголемата нагорна промена во проценките на УНКТАД (Конференција на Обединетите нации за трговија и развој) за билатералната трговска зависност беше зголеменото потпирање на Русија од Кина (+7,1 отсто).

Тоа всушност значи дека по инвазијата на Украина, Кина ѝ подаде рака на Русија за помош. Атлантскиот совет објави дека извозот на Кина во Русија пораснал за 121 отсто од 2021 година, додека извозот во остатокот од светот пораснал за само 29 отсто во истиот период.

Спротивно на тоа, Русија значително помалку се потпира на ЕУ – помалку за 5,3 проценти. Јужна Кореја и САД направија чекори за дополнително дистанцирање од Кина, бидејќи геополитичките тензии продолжуваат да растат.

Како што покажува рускиот пазар на нафта, геополитичките тензии можат значително да влијаат на трговијата.

Иако извозот на руска сурова нафта остана стабилен и покрај војната, тоа бараше промена на главните трговски партнери.