Германскиот автомобилски гигант Volkswagen (VW) навести дека може да ја затвори фабриката на Audi во Брисел. Побарувачката за Q8 e-tron на Audi, луксузен електричен автомобил лансиран во 2018 година, драстично опадна и раководството размислува да го прекине производството на моделот. Очигледно, одлуката може да се очекува следната година.
Менаџментот се подготвува да започне процес на консултации во потрага по алтернативни решенија за фабриката, која вработува околу 3.000 луѓе.
„Ако не најдеме алтернатива, би можеле да го прекинеме производството“, се вели во соопштението за печатот на Audi.
Фабриката во Брисел произведе околу 50.000 автомобили минатата година, а заедно со слабата побарувачка, таа е зафатена од долгогодишни структурни предизвици, вклучително и тешкотии со ремоделирање поради близината до голем град и високите логистички трошоци.
Во февруари фабриката беше затворена две недели поради недостиг на делови, па доцнеа испораките, пренесува Хина. Раководството на VW ги издвои проблемите во фабриката меѓу причините за падот на оперативниот профит од 20 отсто во првиот квартал. Портпаролот на компанијата веќе тогаш изјави дека ја разгледуваат можноста за промени во производството.
Оваа недела VW предупреди дека потрагата по алтернативна употреба на фабриката во Брисел или нејзиното затворање и други непланирани ставки оваа година ќе ја чини до 2,6 милијарди евра.