Расте цената: НЛБ ја зголеми понудата за Адико банка за 10 проценти

Нова Љубљанска банка (НЛБ), која официјално ја објави својата понуда за преземање на Адико банка на почетокот на јуни, сега ја зголеми понудата за 10 проценти.

Словенечката банкарска групација на тој начин нуди 22 евра по акција на Адико банка, велат од Љубљана во соопштението објавено во понеделникот. Во оваа цена е вклучена и дивидендата за 2024 година, а новата понуда значи дека банката е проценета на 429 милиони евра, пишува Bloomberg Adria.

Новата цена е за 15,8 отсто повисока од цената на акциите на Адикo од 14 мај, кога беше објавена намерата на НЛБ да ги преземе акциите.

„НЛБ останува убедена дека преземањето на Адико банка ќе ни помогне да го развиеме комерцијалното банкарство, бизнисот со малите и средни претпријатија и дигитализацијата, а исто така ќе ни овозможи индиректно да навлеземе на хрватскиот пазар, кој е најголема економија во нашиот регион и недостасува мост меѓу Словенија и другите пазари каде што работиме“, изјави Блаж Бродњак, претседател на Управниот одбор на НЛБ.

На претходно организираната прес-конференција, и Бродњак и членот на Управниот одбор на НЛБ, Арчибалд Кремсер изјавија дека стекнувањето на 75 отсто удел во капиталот на Адико Груп е услов за кој не може да се преговара. Тој детал се повторува и во новото соопштение.

Се повторува и клаузулата дека услов за понудата е да се добие одобрение од регулаторот на сите пазари каде што работи Адико банка.

Крајниот рок за прифаќање е 16 август.