Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Белград на маргините на Самитот за критични суровини изјави дека „мерцедес-бенц“ ќе биде дел од синџирот на производство на батерии за електрични возила во Србија, а тоа беше потврдено и на средбата меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и шефот на „Мерцедес“ Ола Калениус.
Шолц, коментирајќи го денеска потпишаното писмо за намери за развојот на синџирот на вредност за е-мобилност меѓу Србија и „Мерцедес-Бенц“, рече дека германската компанија е само дел од синџирот што го предвидува Меморандумот за разбирање меѓу ЕУ и Србија на стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила.
– Целта е да се обезбеди рударството да се одвива според највисоките еколошки стандарди и да се обезбеди синџир на производство. Тоа ќе бидат компании кои се занимаваат со преработка на добиениот материјал, кои се занимаваат со производство на батерии – изјави Шолц во Палатата Србија во Белград.