Работниците во Хрватска имаат најдолга работна недела во ЕУ

Податоците на Европската фондација за подобрување на условите за живот и работа (Eurofound) покажуваат дека работниците во Хрватска имаат најдолга работна недела, а тоа не ги вклучува неевидентираните, односно неплатените прекувремени часови, кои се алармантно високи. Ова го нагласуваат од Сојузот на независни синдикати на Хрватска (СССХ).
Извршниот секретар на СССХ за трудово право и пазар на труд Сунчица Брнардиќ изјави дека Законот за работни односи вели дека полно работно време се смета за 40 часа неделно, освен ако не е поинаку договорено.

– Премалку се користи таа можност за различно склучување договори, што во принцип им користи на работниците бидејќи на овој начин го задржуваат истото ниво на плата – вели таа за „Хина“.

Таа посочи дека во Хрватска нема зголемување на конкурентноста во однос на подобрување на условите за работа и дека во овој поглед заостанува зад другите членки на ЕУ.

Според неа, скратувањето на просечната работна недела во другите земји од ЕУ, по правило, се одвива преку грански колективни договори, каде се препознаваат можностите и специфичностите во одредени дејности.

– Интересен пример е Франција, која во 1998 година со закон ја скрати работната недела на 35 часа, што ги охрабри здруженијата на работодавачи и синдикатите колективно да преговараат за ова и за други прашања – изјави Брнардиќ.

Според истражувањето спроведено од СССХ, намалувањето на работното време за три часа неделно би имало силно позитивно влијание на задоволството на вработените од нивната моментална работа, како и на индивидуалната продуктивност, а тоа особено се однесува на работниците во приватниот сектор.