BioNTech го затвори вториот квартал со голема загуба

Германската биотехнолошка компанија BioNTech објави дека го затворила вториот квартал со повеќекратна загуба поради послабата побарувачка за вакцината против Ковид 19 и инвестициите во развојот на нови лекови.

Во периодот од април до јуни, BioNTech работеше со нето загуба од 807,8 милиони евра. Во истиот период лани оваа загуба изнесуваше 190,4 милиони евра.

Приходите, пишува Хина, паднале за 23,3 отсто, на 128,7 милиони евра.

„Нашите приходи во вториот квартал соодветствуваат на тековната, сезонски условена побарувачка на пазарот за вакцина за ковид 19“, објаснува финансискиот директор Јенс Холштајн.

Во вакви услови, BioNTech се сврте кон активности кои не се поврзани со корона вирусот, издвојувајќи дури 90 отсто од капиталните расходи од вкупно 525,6 милиони евра за онкологија и подготовки за контрола на заразни болести.

Вкупниот износ на инвестиции во истражување и развој е за 56,6 отсто поголем од минатата година, покажува извештајот.

„Ние напредуваме кон нашата цел, која треба да ни обезбеди позиција на компанија со одобрени лекови за рак и заразни болести“, рече извршниот директор и ко-основач Угур Шахин.

BioNTech сè уште планира да аплицира за лиценца за продажба на лекот против рак во 2026 година, забележува новинската агенција dpa.