
Олимписките игри чии домаќини е Париз ќе ја поттикнат економската активност во земјата, според прогнозите на француската централна банка.
По зајакнувањето за 0,3 отсто во вториот квартал, францускиот БДП се очекува да се зголеми за 0,5 отсто во третиот квартал, исто така благодарение на Олимпијадата и Параолимпијадата.
Француската централна банка предвидува дека економијата ќе зајакне за половина процент од јули до крајот на септември, при што се очекува гореспоменатиот спортски настан да придонесе за 0,25 процентни поени. Олимписките игри во Париз започнаа на крајот на јули, а Параолимписките игри завршуваат во септември.
Како што јави француската новинска агенција АФП, соопштението на централната банка е слично на соопштението на францускиот завод за статистика Insee. Тој смета дека Олимписките игри ќе придонесат за раст од 0,5 отсто со 0,3 процентни поени.
Во Франција, пред почетокот на спортскиот спектакл, се зголемуваа стравувањата дека Олимписките игри лошо ќе се одразат на економијата, бидејќи многу туристи ја избегнуваа оваа популарна туристичка дестинација поради спортскиот настан во екот на летната сезона. Ова го потврдуваат податоците на хотелиерите и авиокомпаниите дека во овој период паднале резервациите на соби и авионски билети.
Централната банка Banque de France истакна дека сè уште има многу непознати во однос на прогнозите за раст, вклучително и политичката ситуација во земјата.
Сепак, ефектот на Олимписките игри врз економијата во секој случај ќе помине брзо. „Тоа речиси ќе исчезне во последниот квартал“, рече главниот економист на централната банка Оливие Гарние.












