Силниот франк ја спаси Швајцарија од прекумерна инфлација

82

Силната национална валута франк ја спаси Швајцарија од хиперинфлација во споредба со САД и еврозоната, изјави гувернерот на Швајцарската национална банка (СНБ), Томас Џордан.

Во последните години инфлацијата во Швајцарија никогаш не била повисока од 3,5 отсто, а тоа главно се должи на поволниот курс на франкот во однос на другите валути, додаде тој.

За споредба, во 2022 година стапката на инфлација достигна максимални 9,1 отсто во Соединетите Американски Држави и 10,6 отсто во Еврозоната, пренесе Блумберг.

„Ако сакате да се заштитите од увезената инфлација, тогаш франкот мора да расте“, рече Џордан.

Поради ова, швајцарската национална банка престана да купува странски валути во 2022 година.

Томас Џордан, кој треба да ја напушти функцијата гувернер следниот месец, рече дека силата на франкот и овозможила на SNB да ги зголеми каматните стапки значително помалку од другите развиени земји.

Швајцарската централна банка ја зголеми својата референтна каматна стапка на 1,75 отсто пред да започне со олеснување во март, додека Европската централна банка (ЕЦБ) и Федералните резерви на САД мораа значително повеќе да ги зголемат трошоците за задолжување.

Економистите анкетирани од „Блумберг“ очекуваат швајцарската народна банка да ги намали каматните стапки за уште 25 базични поени на еден процент во септември, додека трговците веруваат дека монетарното олеснување ќе биде уште поголемо.