Во текот на целиот август цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 2,4 отсто, а на американскиот пазар за 3,6 отсто.
На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, вторпат по ред, па бележат пад во цел август бидејќи трговците стравуваат дека поради бавниот раст на најголемите светски економии побарувачката ќе ослабне.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела се лизна за 0,3 отсто, на 78,80 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,7 отсто, на 73,55 долари.
Во текот на целиот август цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 2,4 отсто, а на американскиот за 3,6 отсто.
Во текот на месецот цените на двата пазари потонаа на најниско ниво од почетокот на јануари, бидејќи трговците се загрижени поради забавувањето на растот на најголемите светски економии – САД и Кина, а со тоа и побарувачката за „црното злато“.
Бавно расте и економијата на еврозоната.
Цените се поддржани од најавите за намалување на каматните стапки од страна на американската и европската централна банка во септември, имајќи предвид дека инфлацијата се намалува.
Ова треба да го стимулира растот на економиите, а со тоа и побарувачката на нафта.
Цените се поддржани и од недостигот на нафта од Либија. Производството на нафта во Либија беше повеќе од преполовено во четвртокот – намалено за околу 700.000 барели дневно, а извозот беше запрен на неколку пристаништа поради судирите меѓу политичките фракции таму.
Консултантската компанија Рапидан Енерџи Груп проценува дека загубите во производството би можеле да достигнат помеѓу 900.000 и 1 милион барели дневно и може да траат неколку недели.
Сепак, во октомври Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници планираат да го зголемат производството, па не се очекува намалување на понудата.