Еден стартап вети дека ќе продава сончева светлина на клиентите кои копнеат за сонце дури и во текот на ноќта, којашто ќе се рефлектира со помош на сателитски огледала. Идејата сè уште се развива, а засега не е јасно како сето тоа ќе функционира.
Станува збор за проект на стартапот Reflect Orbital, а веќе се прифаќаат резервации за „сончеви места во вечерните часови“. Има и реклама на платформата X – видеото покажува како корисникот го контролира сателитското огледало со помош на апликацијата. Темнината се претвора во дневна светлина штом ќе заврши заоѓањето, бидејќи рефлектирачката површина ги пренасочува сончевите зраци на избраното место.
New things to play with on the website! pic.twitter.com/NJcOjFSblf
— Ben Nowack (@bennbuilds) August 22, 2024
Експертите истакнуваат дека не е јасно како е снимена рекламата, но сигурно е дека станува збор за симулација, бидејќи Reflect Orbital сè уште нема лансирано сателит опремен со огледало. На страницата за резервации пишува дека услугата ќе биде достапна веќе во втората половина на 2025 година, но малку е веројатно дека некој ќе ја купи понудата пред да се потврди дека огледалото е на место.
Само Русија досега успеала на ваков начин да користи огледало и тоа за кратко. Другите обиди за пренасочување на сончевата светлина на овој начин не успеаја.