Украина: ЕУ сè уште може да складира гас овде, и покрај руските напади

Украина ѝ порача на Европската унија дека сè уште може да складира гас во таа земја и покрај руските напади, пренесува денес Политико.

Големите украински складишта за природен гас се достапни за Европа во текот на претстојната зима, иако овие капацитети се цел на руски бомби, изјави за Политико Олексеј Чернишов, директор на националната украинска енергетска компанија „Нафтогас“.

Според него, Украина веќе има доволно гас за да ги задоволи своите потреби, па може да ѝ понуди на Европската унија простор за складирање гас.

Таа можност, според Политико, беше клучна за ЕУ ​​минатата година, кога во Украина беа складирани 2,5 милијарди кубни метри европски гас, што ја спречи Унијата да продаде вишок залихи што би ѝ донело загуба од повеќе милијарди долари.

Сепак, украинските складишта за гас беа цел на руски воздушни напади во последните месеци, забележува бриселската веб-страница.

Во интервју за Политико, Чернишов го истакна „зајакнувањето на системите за противвоздушна одбрана со цел да се заштити енергетската инфраструктура на земјата од непријателски напади“ како најважен приоритет на Украина.

„Многу сме благодарни за помошта што веќе ја добивме, но сè уште има потреба од дополнителни заштитни мерки“, заклучи директорот на украинската енергетска компанија.