Евростат: Од сите земји на ЕУ најмногу во јули се купувало во Хрватска

Прометот во европската малопродажба се стабилизираше во јули, а Хрватска забележа најсилен раст, покажуваат првите проценки на Европскиот завод за статистика.

На ниво на еврозоната, сезонски прилагодениот промет во малопродажбата бележи пораст во јули за 0,1 отсто во однос на претходниот месец, кога, според ревидираните податоци, беше намален за 0,4 отсто, објави Евростат.

Во ЕУ прометот е зголемен за 0,2 отсто на месечно ниво во јули. Во јуни, според ревидираните податоци, тој е намален за 0,4 отсто.

Во јули прометот во малопродажбата на храна, пијалаци и тутун се зголемил најмногу, за 0,4 отсто во еврозоната и за 0,5 отсто во ЕУ, објави Евростат.

Во продавниците од широка категорија на непрехранбени производи е забележан благ плус, од 0,1 отсто во областа на заедничката европска валута и од 0,2 отсто на ниво на Унијата.

Забележливо намалување бележат само бензинските пумпи и тоа за еден процент во еврозоната и за 1,4 отсто во ЕУ.

Закрепнување во Хрватска
Најсилен раст на малопродажбата забележа Хрватска во јули, од 2,9 отсто во однос на јуни кога е намалена за 2,7 отсто. Стапката на раст во јули е највисока од мај 2021 година, покажуваат податоците на Евростат.

Следуваат Австрија и Словачка, со раст на прометот во јули од 1,8 отсто, а потоа следи Словенија, каде што е зголемен за 1,6 отсто.

Најголем пад на прометот на месечно ниво забележа Луксембург, за 2,1 отсто. Следуваат Романија и Кипар со пад на прометот од 1,8 односно 1,1 отсто.

Евростат немаше податоци за Чешка, Германија, Италија и Грција.