Во потрага по извозни пазари за автоделови, Италија ги „фрли око“ на Мексико и Виетнам, пресметувајќи дека поради кризата во Фолксваген, побарувачката во Германија може да ослаби, изјави министерот за надворешни работи, Антонио Тајани.
„Свесни сме за ситуацијата со која се соочува Германија во автомобилската индустрија“, изјави министерот Тајани на новинарите на маргините на бизнис форумот ТЕХА, пренесува Хина.
Проблемите во Германија би можеле да влијаат на италијанскиот извоз на автоделови, објасни Тајани.
„Затоа проверуваме на кои пазари би можеле да го зајакнеме присуството на Италија“, додаде тој, споменувајќи ги Мексико и Виетнам.
Кризата во VW
На почетокот на неделата, менаџментот на VW објави дека повеќе не ја исклучува можноста за затворање на погони и отпуштање работници во Германија како дел од намалувањето на трошоците во клучниот бренд Фолксваген.
Тие додадоа и дека планираат да го откажат долгогодишниот договор со претставниците на работниците во Германија, кој исклучува отпуштања до крајот на 2029 година, а е на сила од 1994 година.
Менаџерите веруваат дека брендот Фолксваген треба темелно да се реструктуира и дека сегашните напори за намалување на бројот на работници преку програми за предвремено пензионирање и отпремнини нема да бидат доволни, рече раководството, без да прецизира колку работни места во Германија би можеле да бидат укинати, ниту кои фабрики би можеле да бидат затворени.
Германија е најголемиот пазар за италијанската индустрија за автоделови, со извоз вреден 5,2 милијарди евра минатата година, според здружението на производители ANFIA.