Конфликт? Да, ве молам!

381

konflikt

Фото: Pixabay

“Мирот не значи отсуство на конфликт, туку присуство на алтернативни одговори на конфликтот!”

Дороти Томпсон

Конфликтите се дел од секојдневието на една работна средина. По својата содржина, интензитет и суштина, како и облик, се разликуваат од едно работно место до друго, од една работна организација до друга.

Конфликтите се различни и одговорите на истите имаат голем број на варијации.

Првата вродена реакција на конфликтот, која што е длабоко врежана во однесувањето на човекот е избегнување на конфликтот. Но тоа секогаш не е добра идеја.

Факт е дека конфликт на работното место е неизбежен. Тој ќе се појави без разлика дали вие тоа го сакате или не. Способноста да се препознае конфликтот, да се разбере природата на истиот и да се биде во можност да се донесе брзо и праведно решение на конфликтот е клучна.

Развивањето на ефективни начини на решавање на конфликтот е вештина која е суштинска компонента за одржлив бизнис модел. Задушувањето на конфликтите често резултира со губење на продуктивноста, задушување на креативноста, како и создавање на бариери за соработка. Лидерите кои не се занимаваат со конфликти на работното место всушност не придонесуваат за развивање на здрава работна средина.

Како што веќе нагласив, конфликтот е нормален дел од социјалната и организациска поставеност. Предизвикот на конфликтот лежи во изборот на справување со истиот. Задскривањето, избегнувањето или на друг начин игнорирањето на конфликтот е начин на кој со најголема веројатност може да прерасне во незадоволство, повлекување, резигнација или пак да предизвика фракциски борби во рамките на една организација.

Што е она што создава конфликт на работното место ?

● Спротивставени позиции

● Конкурентни тензии

● Борби за моќ

● Личносни карактеристики (его, гордост, љубомора)

● Перформанси

● или само едноставно лош ден…

Коренот на повеќето конфликти се наоѓа во лошата комуникација или неможноста да се контролираат емоциите на работното место.

Конфликтите не се добри или лоши, деструктивни или конструктивни по својата природа. Конфликтот е резултат на учесниците во истиот, односно она што ги карактеризира нивните мисли, ставови, верувања и согледувања.

Следствено на ова можеме да заклучиме дека секој конфликт има позитивни и негативни потенцијали. Дали ќе стане добар или лош зависи од пристапот што учесниците во конфликтот го применуваат за да се справат со него.

За да се разберат позитивните потенцијали на конфликтот, треба да се измени начинот на кој се размислува за него. Наместо конфликтот секогаш да се представува како деструктивна битка, на него треба да се гледа како на конструктивен предизвик што нуди можност за напредок.