САД предлагаат уште построги забрани за кинеските електрични автомобили

159

Предлогот на американската администрација за забрана на кинеската технологија поврзана со автомобили може да биде најсилното оружје досега во борбата против евтините кинески електрични возила кои ја потресоа западната автомобилска индустрија.

Забраната за хардвер и софтвер од Кина, објавена од американското Министерство за трговија, е најновиот чекор по наметнувањето 100 отсто царини за кинеските електрични возила (ЕВ) и одбивањето на потрошувачите да добијат субвенција од 7.500 долари за секое возило што содржи компоненти од кинеско производство, пишува Ројтерс.

За разлика од тие мерки, забраната за технологија поврзана со автомобили би се однесувала дури и на возилата што кинеските компании ги произведуваат надвор од Кина, како што се Мексико или Европа, каде што планираат да градат фабрики.

По воведувањето високи царини, американските власти повторно се запрашаа дали тоа ќе биде доволно и заклучија дека веројатно нема, според аналитичарите.

Кинескиот лидер на електрични возила BYD планира да изгради фабрика во Мексико. Иако нагласија дека ќе му служи само на локалниот пазар, американските трговски групи се претпазливи, тврдејќи дека кинеските електрични автомобили може да предизвикаат „смрт“ на американските производители на автомобили.

Американскиот предлог, исто така, забранува тестирање и употреба на кинески софтвер во САД, како и тестирање или користење на автономно возење, ефективно создавајќи трговска бариера што би можела да ги заштити американските пионери за електрични возила како Тесла.