Германските обвинители извршија опсежни контроли во градежниот сектор поради сомневање дека компаниите избегнуваат да плаќаат придонеси во системот за социјално осигурување.
Околу 800 полицајци извршиле повеќе од 100 инспекции во девет германски сојузни покраини, соопшти државното обвинителство во Хановер, кое ја води истрагата. При увидот приведени се седуммина осомничени.
Државното обвинителство се сомнева дека 25 лица користеле мрежа на фиктивни услужни компании и лажни фактури за да им платат на работниците и дека не платиле милиони евра задолжителни придонеси за програмите за социјално осигурување.
Фокусот на истрагата е градежниот сектор и поширокото подрачје на Хамбург и Дизелдорф, изјави портпаролот на државното обвинителство, објаснувајќи дека проверуваат три услужни компании за издавање лажни фактури на бројни градежни компании.
Главната цел на проверките, извршени во вторник, била да се добијат деловни документи и уреди кои ќе служат како доказ, пренесува Хина. Властите исто така се надеваа дека ќе запленат повеќе од пет милиони евра имот, но сè уште не е јасно колку е запленето.
На градилиштето во градот Зиген пронајдени се 17 странски работници без работни дозволи. Градилиштето сега е под истрага за незаконски вработувања, наведува агенцијата ДПА.