VW и BMW се ужаснати од растечката перспектива за трговска војна меѓу ЕУ и Кина

37

Германските производители на автомобили, по гласањето во Европската унија што ја отвори вратата за казнени царини за увоз на кинески возила, повикаа на преговори и избегнување на трговска војна.
Фолксваген апелираше до Европската комисија и кинеската влада „конструктивно да ги продолжат преговорите во потрага по политичко решение“.

„Спречувањето на заштитните тарифи и избегнувањето трговски конфликти мора да биде заедничка цел“, се вели во соопштението на групата. Во исто време, решението мора да биде на маса пред крајот на месецот и стапувањето во сила на европската мерка.

„Планираните тарифи се погрешен пристап“ и таквиот потег „нема да ја подобри конкурентноста на европската автомобилска индустрија“, предупреди Фолксваген.

БМВ укажа и на негативните последици од царините.

„Денешното гласање е фатален сигнал за европската автомобилска индустрија“, изјави директорот на компанијата Оливер Зипсе.

„Сега е неопходно Европската комисија и Кина брзо да најдат решение и да спречат трговска војна која на крајот ќе донесе загуби за сите“, додаде Зипсе.

Малку порано, мнозинството членки на Европската унија гласаа за воведување казнени тарифи за електричните автомобили од Кина, во висина до 35,3 отсто, објави ДПА повикувајќи се на извори. Германија беше против тоа.

Кина е важен пазар за германските производители и евентуалната тарифна војна дополнително ќе ги продлабочи нивните проблеми.