Кинеска компанија гради фабрика за производство на делови за е-автомобили во Бугарија

Претседателот на Бугарија Румен Радев вчера во Софија разговараше со претставниците на кинеската компанија која ја привршува изградбата на фабрика за производство на алуминиумски делови за електрични автомобили во Бугарија и го изрази своето задоволство од развојот на односите меѓу две земји.

Радев, како што јави агенцијата БТА, разговарал со Луо Шибинг, генерален директор и мнозински сопственик на компанијата Шангај Унисон Алуминиум Продуктс, која преку својата филијала ЗС Европа гради фабрика во индустриската зона кај Пловдив која ќе произведува алуминиумска шасија и кутии за батерии.

Фабриката, која треба да почне со работа пред крајот на годината, првично ќе вработи од 150 до 200 работници, но од 2025 година се планира втора и трета фаза во која ќе се прошири производството.

Според Луо Шибинг, со тие фази вкупната инвестиција на кинеските инвеститори ќе се искачи на околу 153 милиони евра.

Поздравувајќи ги намерите за зголемување на присуството на кинески бизнисмени во Бугарија, Радев „ги истакна одличните макроекономски услови што неговата земја ги нуди на странските компании“.

Тој оцени дека отворањето на кинеската фабрика во Бугарија е јасен позитивен сигнал за развојот на билатералните економски односи.

Радев го истакна и значителниот потенцијал за инвестициска соработка меѓу Бугарија и Кина, а оцени и дека воспоставувањето на директна авиолинија меѓу Софија и Пекинг ќе придонесе за комуникацијата на деловните луѓе, за подобрување на економската размена и туризмот, пренесе БТА.

Компанијата ZS Europe е регистрирана во август 2023 година во Софија, а нејзината дејност е производство на алуминиумски и автомобилски делови, објавија медиумите претходно.

Медиумите оценуваат дека проектот кај Пловдив е дел од планот на кинеската групација за проширување на европскиот пазар и дека името на филијалата на ZS Europe веќе укажува дека таа треба да биде порта на европскиот пазар.