Австриските банки најпрофитабилни во еврозоната

93

Консултантската компанија McKinsey објави податоци за профитабилноста на банките во еврозоната, кои покажаа дека банките во Австрија се убедливи лидери на пазарот кога се во прашање заработените пари.
Како што пренесуваат австриските медиуми, повикувајќи се на извештајот на таа консултантска куќа, банките во Австрија во изминатите две години оствариле рекордна добивка од 14,1 милијарди евра.

„Ова не само што одговара на зголемување од 38 отсто во споредба со 2023 година, туку и домашните кредитни институции обезбедија водечка позиција во однос на нивната моќ на заработка во споредба со банките во другите земји“, пишува Der Standard.

Според тоа, приносот на капиталот во Австрија е 7,2 отсто, што е двојно повеќе од просекот на еврозоната.

Оливер Пичек, главниот економист на синдикалната институција Моментум, го истакна многу високиот удел на варијабилните кредити за населението во оваа земја, кој изнесува дури 47 проценти.

„Токму затоа што се променливи, кредитите растат побрзо од фиксните и им носат повеќе приходи на финансиските институции“, рече тој.

Дополнително, домашните австриски банки најмногу ги коригираат пасивните каматни стапки, што ја објаснува и високата заработка.

„Покрај тоа, банките можеа да го депонираат вишокот капитал без ризик во Европската централна банка по атрактивни каматни стапки на депозитите. Неколку милијарди евра банкарски профит доаѓаат од ова“, објасни тој.

Тој спомена и како банките во Австрија профитирале од инфлаторната криза.

„Австриските финансиски институции забележаа дополнителни 3,4 милијарди евра добивка во првиот квартал од 2024 година, што е за 100 милиони повеќе отколку во истиот период минатата година“, рече тој.

На сè влијаеше намалувањето на трошоците, што пред сè се одразува во намалувањето на личните услуги за клиентите.

Според податоците на австриската народна банка, во 2010 година имало 843 кредитни институции со 4.176 филијали. Во Австрија во моментов има 472 банки со 3.195 филијали.