📷Реставрација на фонтаната Треви: Поставен е базен за фрлање парички

Според едно старо верување, турист во Рим за да има среќа и да се врати во вечниот град мора да фрли паричка преку рамо во Фонтаната Треви, но нејзината реставрација е во тек и мал базен е ставен на располагање за илјадници туристите да фрлаат парички.

Со три милиони посетители годишно, Фонтаната Треви е една од најпознатите знаменитости во светот. Во моментов од него е испумпана целата вода поради вонредна реставрација, јавуваат агенциите.

Туристите можат да ја набљудуваат фонтаната само од одредена далечина, преку проѕирна заштитна ограда. За сè уште да може да се фрлаат парички, градската управа поставила мал квадратен базен недалеку од фонтаната.

Работите на фонтаната се поврзани со јубилејната Римокатоличка година која се слави на секои 25 години, а почнува на 24 декември годинава. И покрај работите, илјадници туристи сè уште секојдневно доаѓаат на фонтаната, која е еден од симболите на Рим.

Градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери изјави дека во иднина би можеле да бидат воведени билети за посета на фонтаната.

Монетите од фонтаната редовно ги собираат работниците на римското комунално претпријатие, а лани сумата достигна 1,5 милиони евра. Од 2001 година парите одат во римскиот Каритас, кој во главниот град на Италија се грижи за повеќе од 50 социјални институции и 145 различни центри за помош.

Фото: Facebook