Советот на ЕУ предлага зголемени инвестиции во вештачката интелигенција

73

Советот на ЕУ ги одобри заклучоците од Извештајот на Европскиот суд на ревизори (ЕЦА) поврзани со зајакнување на амбициите околу употребата на вештачката интелигенција во Унијата, пред се преку подобрување на управувањето и обезбедувањето поголеми и фокусирани инвестиции на ова поле.

– Советот се согласува со заклучокот на Судот дека ЕУ мора да ги зголеми инвестициите во вештачката интелигенција и да го олесни пристапот до дигиталната инфраструктура за да биде конкурентен актер со глобално влијание, да преземе лидерство во развојот и користењето на вештачката интелигенција, да поттикнува таленти и да создаде систем на совршеност и доверба, се наведува во соопштението.

Советот потенцира дека влијанието на системите за вештачка интелигенција врз животната средина, нивната примена за зголемување на енергетската ефикасност, како и обезбедувањето сигурно снабдување со хардвер, се важни фактори што треба да се земат предвид во политиките поврзани со вештачката интелигенција.

Според, Европскиот совет потребна е поблиска соработка на ЕУ и земјите членки со меѓународните организации, со цел да се обезбеди максимално можно влијание на инвестициите на ниво на Унијата, како клучен елемент за обезбедување на нејзиното глобално лидерство во сферата на вештачката интелигенција

– Конечно, сфаќајќи дека вештачката интелигенција може да ја зајакне европската конкурентност доколку резултатите од проектите за истражување и развој се комерцијализираат или експлоатираат директно или индиректно, Советот се согласува со Судот за потребата од мерливи цели и индикатори за перформансите. Меѓутоа, Советот додава дека таквите показатели треба да бидат дизајнирани внимателно, без пречки за севкупната цел на проектите, на начин што нема да доведе до дополнителни оптоварувања на корисниците, земјите членки и субјектите, посочува Советот.

Европскиот суд на ревизори на 29 мај годинава објави специјален извештај насловен „Амбицијата за вештачка интелигенција на ЕУ – Посилното владеење и поголеми и фокусирани инвестиции се од суштинско значење за напредокот“, со кој се врши проценка на ефикасноста на активностите на Еврокомисијата за поддршка на истражувањето и иновациите во вештачката интелигенција во периодот помеѓу 2018 и 2023 година.

Во документот се дава позитивна оценка за координацијата и регулирањето на инвестициите во вештачката интелигенција, но се оценува дека тие имале ограничени ефекти. Според Судот, во сегашните услови дури и ако Комисијата го зголеми финансирањето на истражувањето и иновациите во вештачката интелигенција, таквата финансиска поддршка немаа да обезбеди ефикасност.