Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган навести можност за формирање на валутна унија врз основа на лирата, националната валута, објави Вол Стрит Журнал.
Според Ердоган, некои членки на Европската унија и советувале на турската влада да направат лиразона и самиот премиер е согласен со таа идеја.
“Има членки на ЕУ кои велат дека се против еврото и дека не сакаат да бидат дел од еврозоната. Тие дури и не советуваа да не помислуваме на влез во еврозоната, туку да направиме зона на турската лира. И да ви кажам, јас се согласувам”, изјави Ердоган.
Сепак, аналитичарите, вклучувајќи ги и турските, не ја сметаат лиразоната за реална.
Турската лира традиционално се сметаше за слаба валута и до неодамна Турците за ситни работи плаќаа во милиони лири. Меѓутоа, во последно време лирата заздравува и од почетокот на годината вредноста и порасна за 5% во однос на доларот.
Економијата на Турција во последните 10 години оствари неверојатен резултат. Здравата макроекономска стратегија комбинирана со внимателна фискална политика и големи структурни реформи ја интегрираше турската економија во глобалната економија, создавајќи многу шанси за трговија и индустриска соработка.
Стапката на економски раст во 2011 година од 8,5% беше втора по големина во светот, веднаш по Кина, а годинава се очекува да достигне скоро 6%, со што БДП би изнесувал 817 милијарди долари. Турција стана седма по големина економија во Европа и 16 во светот по БДП.
Моментно во светот се разгледуваат неколку варијанти на создавање регионални монетарни унии, по примерот на еврозоната. Подолго време се преговараше руската рубља да биде единствено средство за плаќање во Русија и Белорусија, а арапските земји во Персискиот залив неколку пати го покренуваа прашањето за заедничка валута. Ниту еден од овие проекти уште не е реализиран.
Шимшек: Лиразоната не е на владината агенда
Турската лира да стане резервна валута е долгорочна можност, но не е на моментната владина агенда, изјави турскиот министер за финансии Мехмет Шимшек по изјавата на премиерот Ердоган.
“Сега сме фокусирани на подобрување на состојбата во нашата земја, развивање на економијата и подобрување на демократските стандарди. Тоа е нашата моментална агенда”, изјави Шимшек.