Божиновска: Набавката на јаглен сега ќе биде транспарентна

84

Министерката за енергетика Сања Божиновска изјави дека во моментов има тендер за набавка на јаглен во ТЕЦ Осломеј и тоа го спроведува Електростопанство на Македонија.

Како што рече, Министерството за енергетика ќе ги корегира политиките, а јаглен набавува АД ЕСМ кое е под Владата, и оти набавката сега ќе биде транспарентна.

-Јавниот повик е објавен и може да се види на веб-страницата, изјави Божиновска одговарајќи на новинарско прашање колкава набавка на јаглен се планира и од каде.

На прашањето како го коментира префрлувањето на една милијарда денари за компанија која со години врши ископ во РЕК Битола, а за која ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати укажувала дека е компанија инволвирана во криминални тендери, министерката одговори дека не се работи за нов туку за рамковен договор.

-Колку што сум запознаена, потпишан е рамковен договор, не е нов договор, и знам дека цените се намалени за 30 до 40 проценти од минатата година. Инаку, сето тоа си има ревизија, си има институции кои се занимаваат со тоа. Ние се фокусираме на претстојната грејна сезона и на зимата, рече Божиновска.