ЕУ е решена да ја запре продажбата на возила со емисија на јаглерод диоксид до 2035 година

76

Европската унија сè уште планира да ја запре продажбата на нови возила со емисија на јаглерод диоксид до 2035 година и да ги заостри критериумите за емисија на CO2 од автомобилите следната година, најави кандидатот за еврокомесар за клима, Вопке Хоекстра.

„Многу извршни директори на автомобилски компании со кои разговарам рекоа дека можат да ги постигнат целите“, рече Хоекстра за време на сослушувањето во Европскиот парламент, без да именува конкретни компании, пренесува Мина.

Тој додаде дека автомобилската индустрија бара поголеми јавни инвестиции во изградба на мрежа на полначи за електрични возила, што според него е „фер барање“.

Некои производители на автомобили предупредија дека можеби нема да можат да ги исполнат новите критериуми за емисии следната година и стравуваат од високи казни, но Хоекстра истакна дека таквите стравувања се претерани.

Минатата година министрите за енергетика на земјите-членки на ЕУ одобрија закон според кој од 2035 година ќе се укине продажбата на автомобили со емисија на јаглерод диоксид во рамките на Европската унија, а Германија доби изземање за автомобилите што користат е-горива.

Според споменатиот закон, од 2035 година купувачите во Европската унија повеќе нема да можат да купуваат нови автомобили кои имаат мотор со внатрешно согорување.

Италија и Чешката Република, како и некои производители на автомобили, бараат од Брисел да ја преиспита одлуката, тврдејќи дека компаниите не можат да ги исполнат наведените цели поради падот на продажбата на електрични автомобили.