Доларот е посилен, еврото е во неволја поради Германија

174

Вредноста на доларот во однос на кошничката валути се зголеми минатата недела, иако американската ФЕД ги намали каматните стапки, додека еврото ослабна поради кризата на германската коалициска влада.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела зајакна за 0,6 отсто, на 104,95 поени.

Истовремено, курсот на еврото во однос на доларот падна за 1,1 отсто, на 1,0718 долари. Сепак, американската валута ослабе во однос на јапонскиот јен за 0,2 отсто, па нејзиниот курс се лизна на 152,65 јени. Очекувано, челниците на американската централна банка одлучија на минатонеделната седница да ги намалат клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, на опсег од 4,50 до 4,75 отсто.

Пазарот на труд благо ослабе, стапката на невработеност е на ниски нивоа, додека економијата солидно расте, а инфлацијата се лизга кон целното ниво од 2 отсто, се вели во соопштението на ФЕД.

„Во оваа возбудлива недела, ФЕД не придонесе за драмата бидејќи таков потег беше очекуван. И покрај намалувањето за 0,25 процентни поени, каматните стапки остануваат рестриктивни, но не толку како порано“, вели Брајан Јакобсен, економист во Анекс Велт.

И покрај намалувањето на каматните стапки по втор пат годинава, доларот зајакна во однос на европската валута. Имено, еврото е под притисок поради кризата на германската коалициска влада откако канцеларот Олаф Шолц го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер.

Во фокусот на инвеститорите минатата недела беше победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

На пазарите се очекува новостариот претседател да води протекционистичка економска политика, како и во претходниот мандат, да ги намали даноците и да спроведе дерегулација во различни области.

„Изборите ќе имаат одредени последици, така што верувам дека ќе има мало подобрување на економскиот раст во однос на сегашните проценки, но и мало зајакнување на инфлацијата. А тоа може да значи дека ФЕД ќе ги намалува каматните стапки побавно од очекуваното. “, вели Брајан Јакобсен.