ЕЦБ: „Европа треба да се подготви за трговска војна со Америка“

50

Европа мора да се подготви за нова трговска војна со Соединетите Американски Држави, изјави  во Виена претставникот на Европската централна банка (ЕЦБ), Оли Рен.

Според него, трговските тензии меѓу ЕУ и САД почнале да растат за време на првиот претседателски мандат на Трамп, а Европа тогаш имала проблеми да најде заеднички одговор на овој предизвик, пренесува Ројтерс.

„Ако започне трговска војна, Европа не смее да биде неподготвена како што беше во 2018 година“, додаде Рен.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп вети големо зголемување на тарифите за намалување на трговскиот дефицит на САД, вклучително и 10 отсто царини за увоз од сите странски земји и 60 отсто царини за стоки од Кина.

Нова трговска војна е последното нешто што ни треба денес, особено меѓу сојузниците, рече Оли Рен и додаде дека најавените мерки можат негативно да се одразат на светската економија.

Шефот на австриската централна банка и креатор на политиката на ЕЦБ Роберт Холцман се согласи со тврдењата на Рен и додаде дека тарифите на Трамп ќе значат дека каматните стапки и инфлацијата во САД ќе останат високи.

Доколку доларот продолжи да зајакнува и се приближи до паритет со еврото, увозните трошоци на Европската унија ќе се зголемат и ќе го отежнат процесот на намалување на инфлацијата во еврозоната под два отсто, предупреди Холцман.