Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, во четвртокот одби да каже дали ќе остане во американската централна банка како член на управниот одбор по истекот на неговиот мандат како претседател во мај 2026 година.
Запрашан за време на конференцијата во Далас дали ќе размисли да стане првиот претседател на ФЕД во повеќе од седум децении што ќе остане во одборот по завршувањето на функцијата претседател, Пауел рече само дека е посветен на исполнување на својот мандат како претседател, пренесува Ројтерс.
„Сигурно ќе служам до крајот на мојот мандат како претседател. Тоа е единственото нешто што го решив и размислувам“, изјави Пауел. Неговиот мандат како член на Одборот на гувернери на ФЕД трае до јануари 2028 година.
Последниот претседател на Банката на федерални резерви кој продолжи да служи како член на Одборот откако престана да ја води централната банка беше Маринер Еклс, кој го заврши својот мандат на чело на ФЕД во јануари 1948 година, но остана член на Одборот до јули 1951 година.
Прашањето за иднината на Пауел стана актуелно откако Скот Бесент, кандидатот за министер за финансии во новата администрација на Доналд Трамп, предложи следниот претседател да го номинира, а Сенатот да го потврди наследникот на Пауел пред крајот на неговиот мандат.