Глобална акција: Оданочување 3.000 милијардери?

93

Шпанскиот министер за економија Карлос Куерпо ги повика најбогатите земји во светот да бидат „храбри“ и да ги удвојат напорите за постигнување договор за глобално минимално оданочување на 3.000 милијардери.

Тој рече дека неодамнешните избори покажале дека граѓаните бараат „прераспределба на богатството“, објавија западните медиуми.

Говорејќи за време на посетата на Лондон пред денешниот состанок на лидерите на Г-20 во Рио де Жанеиро, Куерпо рече дека планот добил политички моментум од летото, кога министрите за финансии се согласија да работат заедно за да „обезбедат дека ултра богатите поединци ефективно се оданочуваат“, пренесува лондонски „Гардијан“.

Бразил, кој ги поддржува предлозите за собирање околу 250 милијарди долари годишно од милијардерите ширум светот со тоа што ќе се осигури дека ќе бидат оданочени најмалку два отсто од богатството што го поседуваат, се очекува да побара официјални разговори за глобалните даноци на богатство кога ќе биде домаќин на следниот самит на ОН за климатски промени (COP). Франција, Германија и Јужна Африка ја изразија својата поддршка за овој предлог, велејќи дека парите се потребни за да им се помогне на земјите загрозени од климатските промени и да се поттикне т.н. зелени инвестиции.