Вработените во германската компанија Бош мора да се подготват за потешки времиња и мерки за штедење како пократко работно време и помали плати, пишува германски Билд.
Почнувајќи од 1 март следната година, 450 вработени во компанијата Бош на повеќе локации во Германија ќе работат само 35 часа неделно, а соодветно на тоа ќе им се намали и платата, објави портпаролката на компанијата.
Огромното мнозинство од работната сила на Бош работи во Герлинген и Штутгарт, а погодените вработени моментално имаат договори кои предвидуваат неделно работно време од 38 до 40 часа. Компанијата неодамна го намали работното време во својата подружница Бош инженеринг, така што од октомври 2.300 вработени наместо досегашните 40 работат само 37 часа неделно, а намалени се и нивните плати.
Извршниот директор на Бош, Штефан Хартунг, пред неколку дена за весникот „Штутгартер цајтунг“ изјави дека намалувањето на работното време во компанијата е фер и подобра опција од укинување на работните места.
Во претходните месеци, Bosch најави дека ќе укине повеќе од 7.000 работни места ширум светот, вклучително и локации во Германија.