На Волстрит нов рекорд за индексот Dow Jones

40

На Волстрит, берзанските индекси пораснаа во понеделник, при што Dow Jones достигна ново рекордно ниво, а најмногу пораснаа цените на акциите на малите и средни компании.

Dow Jones зајакна 0,99 отсто, на 44.736 поени, додека S&P 500 порасна за 0,30 отсто, на 5.987 поени, а индексот Nasdaq 0,27 отсто, на 19.054 поени.

Инвеститорите беа охрабрени од одлуката на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за нов министер за финансии да го номинира инвеститорот Скот Бесент, кој работеше за познатиот инвеститор Џорџ Сорос, а подоцна основаше и сопствен хеџ фонд Ки Сквер Груп.

Инвеститорите очекуваат Бесент да биде поволен за пазарот, даночните намалувања и дерегулацијата на одредени сектори.

Намалување на клучните каматни стапки
Во последниве денови, акциите на помалите и средни компании го предводат растот на цените.

„Секторите кои заостанаа оваа година сега растат посилно, не само поради изборот на Трамп, туку и поради намалувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка“, вели Адам Сархан, директор во 50 Park Investments.

Но, бидејќи економијата постојано расте, додека инфлацијата останува над целта на ФЕД од 2 отсто, постои загриженост дека централната банка би можела да го забави темпото на намалување на каматните стапки, па дури и да го запре процесот.

Дотолку повеќе ако инфлацијата зајакне поради политиките на Трамп за стимулирање на економскиот раст и најавеното зголемување на царините.

Вчера пораснаа и индексите на европските берзи. Лондонски FTSE зајакна за 0,36 отсто, на 8291 поен, додека франкфуртски DAX зајакна 0,43 отсто, на 19.405 поени, а париски CAC 0,03 отсто, на 7257 поени.