Цените на храната во светот продолжуваат да растат: Еве што порасна најмногу

19

Европа во последната година и половина е погодена од значително зголемување на цените на основните прехранбени производи. Како главни причини за скокот на цените на пазарите се наведуваат инфлацијата, проблемите во глобалниот синџир на снабдување, сушите и војната во Украина.

Индексот на цените на храната на ФАО во септември изнесуваше 124,4 поени, што е за три отсто повеќе од август и 2,1 отсто повеќе од 2022 година.

Најголем раст во септември забележа индексот на шеќер на ФАО, кој порасна за 10,4 отсто поради помалиот принос на плантажите во Бразил и другите производители на трска. Индексот на растително масло на ФАО е зголемен за 4,6 отсто, а млечните производи за речиси четири отсто. Клучните причини за скокот се во намаленото производство и поголемата побарувачка на светскиот пазар. Цените на месото во најголем дел останаа стабилни со благ пораст од 0,4 отсто. Но, немаше само поскапување, пренесува Investor me. Цената на оризот падна за 0,7 отсто.

Што се зголеми најмногу?

Кога сите поскапувања се гледаат во перспектива од претходната година и пол, статистиката го кажува следново. Во тој период шеќерот поскапе и до 40 отсто во некои земји, пилешкото и свинското месо до 25 отсто, а маслото и до 40 отсто.

Влијанието на војната во Украина е најочигледно на цените на брашното, пченицата и пченката, бидејќи до 2022 година голем дел од глобалното производство беше во Украина, па цените на брашното скокнаа меѓу 20 и 35 отсто.

Сушите и високите температури им прават проблеми и на земјоделците, а бидејќи побарувачката на пазарот не се намалува, забележан е скок на цените на овошјето и зеленчукот од 10 до 20 проценти.

Сирењето, млекото, путерот и другите млечни производи поскапеа за околу 25 отсто, додека пилешките јајца поскапеа во некои европски земји меѓу 20 и 30 отсто во претходните 18 месеци.